Хрватска започнува амбициозен план за модернизација на својата армија, вреден речиси 2 милијарди евра. Саборскиот Одбор за одбрана денеска одобри четири стратешки набавки во вкупна вредност од 1,945 милијарди евра, пренесе ХРТ.
До 2030 година, Хрватска ќе набави тенкови „Леопард 2А8“, самоодни хаубици CAESAR, теренски камиони TATRA и современ систем за противдронска заштита. Финансирањето главно ќе се обезбеди преку европскиот инструмент SAFE.
Министерот за одбрана Иван Анушиќ изјави дека со оваа инвестиција земјата не само што ги исполнува, туку и ги надминува обврските за издвојување повеќе од 2% од БДП за одбраната. Тој додаде дека во реализацијата ќе бидат вклучени и домашни компании, меѓу кои „Кончар“ и „Ѓуро Ѓаковиќ“, што ќе придонесе за зајакнување на хрватската одбранбена индустрија и технолошки развој.































