Две лица загинаа во рускиот напад врз термоелектраната во Словјанск, најголемиот град во Доњецката област кој сè уште е под контрола на Киев, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно видеообраќање во четврток. Нападот се случи по една од најтешките ноќи на војната во Украина, со повеќе напади врз енергетски објекти.
„Пред само неколку часа се случи напад врз термоелектраната во Словјанск – напад со руски бомби. За жал, две лица загинаа. Моите сочувства. Има повредени. Ова е чист терор. Нормални луѓе не се борат вака и светот мора соодветно да реагира на вакво руско војување“, порача Зеленски.
Тој посочи дека построгите санкции би биле ефикасна мерка за принудување на Русија да ја прекине војната. Како пример наведе неодамнешните санкции наметнати на руските нафтени компании, кои, според него, покажале јасен ефект. „Извозот на нафта е основа на руската ароганција, а ако санкциите останат или се заострат, Русија ќе претрпи значителни загуби“, рече украинскиот претседател, оценувајќи дека Москва следната година би можела да загуби околу 50 милијарди долари.
Зеленски исто така потврди дека Украина постигнала договори со Норвешка за енергетика, вклучително и за поддршка при набавката на гас, како и со Германија, Италија и Холандија за опрема за производство на електрична енергија.































