УТРО.мк

Хрватска сака да стане европски лидер во производство на мали дронови

Хрватска сака да стане европски лидер во производство на мали дронови
Vero

Хрватска има амбиција да се позиционира како водечка европска сила во производството и испораката на мали беспилотни летала, изјави министерот за одбрана Иван Анушиќ за време на официјалната средба со францускиот министер за одбрана Себастиен Лекорњу, која се одржа во Париз.

Средбата се случи на маргините на меѓународниот саем за воена техника и вооружување, каде двајцата министри ја потврдија одличната одбранбена соработка меѓу Хрватска и Франција.

Во рамки на посетата на Лекорњу на Хрватска, планирана за септември, се очекува финализирање на договорот за набавка на 18 хаубици „Цезар“ (Caesar), со целосен пакет што вклучува обука, техничка и логистичка поддршка за хрватската армија.

– Со ова ги продолжуваме интензивните активности за опремување и модернизација на вооружените сили на Хрватска, изјави Анушиќ.

Тој додаде дека Хрватска се стреми да стане значаен производител на мали дронови, во согласност со европските иницијативи за јакнење на домашната одбранбена индустрија. Францускиот министер го поздравил интересот и потенцијалот на хрватските компании во оваа сфера, најавувајќи дека при неговата посета ќе ги посети производствените капацитети.

Анушиќ се заблагодари за поддршката што Франција ѝ ја пружа на Хрватска во процесот на модернизација на армијата, особено по набавката на борбените авиони „Рафал“.

Идната недела во Хаг ќе се одржи самит на НАТО, на кој се очекуваат нови одлуки за зголемување на трошоците за одбрана. Анушиќ нагласи дека Хрватска е свесна за потребата од посилни инвестиции во безбедноста.

– Оваа година ќе го постигнеме целното ниво од 2 отсто од БДП за одбранбени трошоци, а до 2027 планираме тоа да го зголемиме на 2,5 отсто, со цел до 2030 година да достигнеме 3 проценти од БДП, најави хрватскиот министер.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран