Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, заедно со пратеникот Ѓорѓија Сајкоски, денеска во Битола оствари средба со стопанственици – членови на Стопанската комора на Македонија, Регионална комора Битола. На средбата се разговараше за тековните предизвици со кои се соочува реалниот сектор, како и за можностите за понатамошен развој и партнерство со институциите.

„Битола отсекогаш била еден од најважните економски региони во Македонија, поради значајното учество во бруто-домашниот производ и високата концентрација на производствени компании“, изјави Димитриеска Кочоска. Таа нагласи дека соработката со бизнис-заедницата е клучна за градење на силна и одржлива економија.

Министерката потенцираше дека Владата останува доследен партнер на приватниот сектор и дека само преку стабилен и продуктивен стопански сектор може да се постигнат подобри економски резултати за државата.
Средбата во Битола е дел од континуираните активности на Министерството за финансии за директна комуникација со бизнисите низ земјата, со цел унапредување на економските политики и отстранување на административните пречки.