Во знак на сеќавање на жртвите од трагедијата во Кочани, Градското собрание на Лос Анџелес беше осветлено во боите на македонското знаме – црвена и жолта – од синоќа во 20:00 до утрово во 6:00 часот по локално време. Овој чин беше дел од настанот „Македонски ден на сеќавање“, организиран од локалните власти во соработка со македонската заедница во Калифорнија.
Од Македонската православна црква „Пресвета Богородица“ во Лос Анџелес изразија длабока благодарност до советникот во градскиот совет, Хуго Сото-Мартинез, кој го иницираше одбележувањето во чест на 62-та загинати и повеќе од 200 повредени во трагичниот пожар што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Оваа трогателна почит, која се оддава на три месеци од несреќата, ќе биде потсетник дека нашето единство и сочувство, дури и преку океаните, остануваат непоколебливи,“ стои во објавата на црквата.
Советникот Сото-Мартинез истакна дека македонската заедница во Атвотер Вилиџ и пошироко низ Лос Анџелес, иако малубројна, е длабоко вкоренета и важен дел од градската историја уште од 1960-тите. Тој изрази солидарност со семејствата на жртвите и ја нагласи важноста од борба за правда и надеж за посветла иднина.
На 16 јуни се навршија три месеци од најголемата цивилна трагедија во поновата историја на Македонија. Според последните информации од истрагата, за несреќата се поднесени обвиненија против 34 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност.