Грција воведува построги сообраќајни казни: До 10 години затвор за возење во алкохолизирана состојба
Грчкиот парламент го усвои новиот Закон за патен сообраќај, со кој се воведуваат драстично построги казни за прекршителите. Целта, како што посочуваат властите, е значително намалување на бројот на сообраќајни несреќи и подобрување на сообраќајната култура.
Високи казни за користење мобилен телефон
Една од клучните новини е зголемувањето на казната за користење мобилен телефон додека се управува возило. За прв прекршок, возачите ќе се соочат со парична казна од 350 евра и одземање на возачката дозвола на 30 дена.
Во случај на повторен прекршок, казната се зголемува на 1.000 евра и шестмесечно одземање на дозволата, додека третиот прекршок се санкционира со 2.000 евра и одземање на возачката дозвола за една година. Доколку прекршокот резултира со сообраќајна несреќа, казната може да достигне и 4.000 евра.
Алкохол и агресивно возење – најстрого санкционирани
Најстрогите мерки се предвидени за возење под дејство на алкохол. Доколку се утврди концентрација поголема од 1,10 промили, следуваат казна од 1.200 евра, одземање на возачката дозвола на 180 дена, конфискација на возилото и суспензија на дозволата до пет години. Повторен прекршок може да резултира со затворска казна до 10 години.
Зголемени казни за класични прекршоци
Се зголемуваат и казните за класични прекршоци како што се брзо возење, неносење безбедносен појас или кацига. Исто така, поминување на црвено светло, игнорирање на знак „Стоп“ и блокирање железнички премин се казнуваат со до 1.200 евра и долгорочно одземање на возачката дозвола, особено ако прекршокот се повтори или доведе до инцидент.
Властите: Целта е превенција, не репресија
Министерот за транспорт порача дека новиот закон не е наменет за репресија, туку има едукативна цел – да се подигне свеста кај граѓаните и да се изгради одговорна сообраќајна култура.
„Сакаме да поттикнеме чувство на лична одговорност кај возачите и да создадеме побезбедни патишта за сите“, изјави министерот.