Грчкиот туристички сектор се соочува со сериозен недостиг на работна сила, и покрај тоа што платите се конкурентни, а сместувањето често е обезбедено. Особено критична е состојбата на островот Тинос, каде речиси секој угостителски или трговски објект бара персонал.
Сопствениците на бизниси очајно бараат сезонски работници, но бирократските пречки и рестриктивните имиграциски политики на владата го прават тоа речиси невозможно.
„Би отишла на колена во црква, само за да најдам работник за следната сезона“, вели Матина, сопственичка на бутик, опишувајќи ја ситуацијата.
Иако Грција има потпишано билатерални договори за увоз на сезонски работници од земји како Индија, Ерменија и Филипините, нивната реализација се одвива споро. Во меѓувреме, според Здружението на хотелиери, недостигаат 60.000 работници само во туризмот, а дополнително по 60.000 и во градежништвото и земјоделството.
Проблемот е продлабочен од фактот што младите Грци масовно заминуваат на работа во северна Европа, додека албанската работна сила, која со децении беше столб во грчката економија, полека исчезнува – дел поради пензионирање, дел поради подобри услови во други земји.
И покрај ова, владата на премиерот Мицотакис не покажува знаци на попуштање. Наместо либерализација на миграцијата, се воведуваат построги контроли, со акцент на депортации и ограничувања за азил.
„Кој и да е нелегално во нашата земја, има две опции: затвор или враќање“, порача министерот за миграција Танос Плеврис, најавувајќи тврд курс кон странската работна сила.
Се проценува дека вкупно 200.000 работни места во Грција остануваат непополнети, што ја загрозува сезоната и економската стабилност на неколку клучни сектори.