
Голема полициска акција во Србија резултираше со заплена на огромна количина наркотични средства и суровини за нивно производство. Уапсена е 28-годишна жена, соопшти српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ.
При претрес на стан во кој осомничената престојувала без пријавено живеалиште, полицијата открила околу 180 килограми марихуана, 18 килограми кокаин, 43 литри амфетаминско масло и околу пет килограми хашиш.
Пронајдени биле и околу 11 килограми кофеин, кој според полицијата се користи како суровина при производство на амфетамин.
<strong>Пронајдени и пари и ваги</strong>
Покрај дрогата и суровините, во станот биле пронајдени и две електронски ваги за прецизно мерење, како и 2.800 евра во готовина.
Акцијата ја спровеле припадници на Министерството за внатрешни работи, Управата за криминалистичка полиција и Службата за борба против организиран криминал, во соработка со Одделот за сузбивање на организиран шверц со дрога, Одделот за специјални дејствија и Вишото јавно обвинителство во Сремска Митровица.
Осомничената М. К. е уапсена под сомнение дека сторила кривично дело неовластено производство и дистрибуција на наркотични дроги.
<strong>Одреден 48-часовен притвор</strong>
На осомничената ѝ е одреден притвор до 48 часа, по што ќе биде приведена во надлежното обвинителство со кривична пријава.
Истрагата продолжува, а надлежните органи треба да утврдат од каде потекнувала дрогата, за кого била наменета и дали осомничената била дел од поширока мрежа за производство и дистрибуција на наркотични средства.

















