
Тензично помина 94. антивладин протест во Тирана, на кој демонстрантите повторно побараа оставка од премиерот Еди Рама и промени во политичкиот и институционалниот систем.
Протестот, кој првично започна како реакција на планираната туристичка инвестиција во Звернец и нејзиното влијание врз животната средина, ескалираше во судири меѓу демонстрантите и полицијата. Неколку полициски службеници биле повредени откако кон нив биле фрлани тврди предмети.
Ситуацијата дополнително се вжештила кога демонстрантите, по повеќе предупредувања преку мегафони, се обиделе насилно да влезат во зградата на Владата, откако дознале дека премиерот Рама се наоѓа во својот кабинет. Полицијата употребила солзавец за да ја спречи групата да влезе во објектот.
Демонстрантите биле распоредени на две локации. Едната група се наоѓала пред главниот влез на Владата, каде што биле одржувани говори, додека друга група се упатила кон еден од задните влезови во обид да се приближи до кабинетот на премиерот.
Полицијата го обезбедила подрачјето и го засилила присуството, а во акцијата биле вклучени и припадници на специјалната единица „Ренеа“.
По случувањата пред Владата, демонстрантите се упатиле кон полициска станица, барајќи ослободување на 11 лица кои биле приведени поради насилно однесување за време на протестот.
Откако ситуацијата се смирила, Еди Рама ја напуштил владината зграда под засилено обезбедување. Полицијата продолжила со зголемено присуство во просторот пред Владата.
Протестите во Тирана, покрај барањето за преиспитување на туристичкиот проект во Звернец, во меѓувреме добија поширока политичка димензија. Демонстрантите бараат оставка од Рама, формирање преодна влада, промени во изборниот закон и укинување на измените во законодавството за заштитените подрачја.
Тие, исто така, изразуваат незадоволство поради корупцијата, состојбата со вработувањето и масовното заминување на младите од Албанија.

















