УТРО.мк

ЕУ сака отворањето фирма да чини до 100 евра – што предвидуваат новите правила?

ЕУ сака отворањето фирма да чини до 100 евра – што предвидуваат новите правила?
Vero

Основaње компанија целосно онлајн, за најмногу два дена и со трошоци до 100 евра, предвидува новата европска правна рамка „EU Inc.“. Советот на Европската Унија ја усвои својата преговарачка позиција за предлогот, со што се отвора патот за преговори со Европскиот парламент.

Целта е да се олесни основањето и проширувањето на компаниите на единствениот европски пазар. Новата рамка е насочена првенствено кон стартапите, иновативните компании и малите и средните претпријатија што сакаат да работат во повеќе земји членки.

Предложениот модел би функционирал како таканаречен „28. корпоративен режим“, паралелно со националните системи на 27-те членки на ЕУ. Компаниите доброволно би ја избирале оваа европска правна форма, наместо да се потпираат исклучиво на различните национални правила.

Покрај побрзата регистрација, реформата предвидува поедноставување на процедурите за издавање акции, привлекување инвеститори и наградување на вработените преку сопственички удели. Намерата е европските компании полесно да обезбедуваат капитал и да го прошируваат работењето.

Советот предложил и дополнителни проверки за спречување перење пари и други финансиски злоупотреби.

Сепак, дел од првичните амбиции на Европската комисија веќе биле ублажени. Според „Фајненшл тајмс“, од преговарачката позиција се изоставени предлозите за единствен европски регистар на компании и за поедноставена постапка за несолвентност на стартапите. Тоа отвора прашања колку конечната рамка ќе ги намали административните трошоци за прекугранично работење.

Новите правила сè уште не се конечни. Следуваат преговори меѓу Советот и Европскиот парламент за усогласување на текстот, а Советот предлага период од 21 месец за спроведување.

Доколку биде усвоен, системот би им понудил на претприемачите поедноставен начин за влез на европскиот пазар. Предвидените 100 евра се однесуваат на трошоците за регистрација, додека работењето на компанијата и понатаму би носело други финансиски и законски обврски.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран