
Туристи кои летуваат во Неа Каликратија и на околните плажи во Грција деновиве пријавуваат непријатно чешање и печење на кожата за време и по капењето во морето.
Според сведоштва објавени на социјалните мрежи, проблемот го почувствувале поголем број капачи, вклучително и деца. Засега, сепак, нема официјална потврда што ја предизвикува појавата.
Една туристка во групата на Фејсбук „Live from Greece“ напишала дека веќе два дена капачите на градската плажа во Неа Каликратија чувствуваат чешање додека се во вода.
„Веќе два дена на градската плажа во Неа Каликратија нешто се случува со морето. Додека сме уште во вода, чувствуваме чешање по телото. Нема никакви осипи или плускавци, но денес е уште полошо“, напишала таа.
Според неа, сè повеќе туристи се пожалиле на истите симптоми, поради што се појавиле и сомневања за можна причина во морето.
<strong>Се споменуваат и ситни морски организми</strong>
Некои капачи се сомневаат дека непријатното чувство може да биде предизвикано од ситни морски организми, популарно нарекувани „бебиња медузи“.
Сепак, ваквите тврдења засега не се потврдени од надлежните институции.
Во коментарите други туристи наведуваат дека слична појава забележале и на други места.
„И ние во Каликратија го имаме истиот проблем. Децата веќе втор ден не се капат и сите се жалат на печење по телото“, напишала една корисничка.
Друг турист навел дека слично искуство имале и во Платамона.
„Исто го почувствувавме пред една недела. Мали желатинести топчиња и благо чувство на печење. Безопасно е, но не беше пријатно“, напишал тој.
<strong>Засега нема потврда за загадување</strong>
Иако бројни туристи споделуваат слични искуства, информациите засега се темелат главно на објави и сведоштва од социјалните мрежи.
Нема официјална потврда дека морето во Неа Каликратија е загадено, ниту дека симптомите се предизвикани од конкретен организам или супстанција.
Поради тоа, причината за необичното чешање и печење останува непозната, а туристите продолжуваат да споделуваат информации и искуства за состојбата на плажите.

















