Голем шумски пожар денеска избувна во Грција, западно од Атина, принудувајќи ги властите да наредат итна евакуација на неколку села во областа, соопшти противпожарната служба. Пожарот зафатил борова шума во планините близу Коринт, а во гаснењето се вклучени повеќе од 180 пожарникари, 15 авиони и 12 хеликоптери, пренесува агенцијата „АП“.
Пожарникарите се соочуваат со исклучително тешки услови, бидејќи Грција денеска е зафатена од силен топлотен бран, со температури што на некои места достигнуваат и до 40 степени Целзиусови.
Во посебен инцидент поврзан со борбата против огнената стихија, противпожарен хеликоптер се урна во морето додека се обидувал да наполнува вода. Тројцата членови на екипажот се спасени и пренесени во болница.
Грчките власти апелираат до граѓаните да ги следат насоките за евакуација и да бидат особено внимателни поради високите температури и ризикот од нови пожари.