Јавното обвинителство за организиран криминал во Србија сослуша вкупно 18 лица, осомничени за учество во криминална мрежа која, според досегашната истрага, фалсификувала повеќе од 300 документи и противправно стекнала најмалку 132 милиони евра. Како организатор на групата се посочува Снежана Согиќ, а меѓу членовите се идентификувани Билјана Гвозденов, Дејан Митиќ, Душанка Пандев, Сузана Јанков, Грозда Бркљач, Божа Стричевиќ, Љиљана Душан, Љиљана Душан Вукашиновиќ, Зоран Лаловиќ, Милица Милошевиќ, Данко Дамњановиќ, Бошко Видаковиќ и Бојан Камњанац.
Од осомничените, деветмина – меѓу кои и организаторот – се повикале на правото на молк, додека останатите девет лица ја изнеле својата одбрана, пренесе Телеграф.
Според обвинителството, групата од декември 2024 до 18 ноември 2025 година се сомничи за повеќе тешки кривични дела, меѓу кои здружување за извршување кривични дела, долготрајно фалсификување на исправи и злоупотреба на службена положба. За деветмина осомничени обвинителот веќе предложил одредување мерка притвор пред судијата за претходна постапка на Специјалното одделение за организиран криминал при Вишиот суд во Белград.























