
По повеќенеделни протести и блокади, грчките земјоделци одлучија привремено да ја олеснат патната комуникација низ земјата. Од денеска до петок, автопатиштата и граничните премини, вклучително и преминот Евзони кон Северна Македонија, ќе останат отворени, дозволувајќи непречен сообраќај во пресрет на новогодишните празници.
Иако тракторите и понатаму ќе останат паркирани на граничните премини и на други локации низ Грција, тие ќе се повлечат од средишната коловозна лента, така што патувањето за граѓаните нема да биде попречено. Земјоделците ја потврдија својата одлука да останат на блокадите, истакнувајќи дека ако е потребно, празниците ќе ги дочекаат токму таму.
Следната одлука за протестите ќе се донесе во недела, на состанок кај патарината Малгара, близу Солун, каде што ќе се соберат претставници од сите регионални блокади.



























