
Евакуацискиот авион на Ер Србија со 67 патници доцна синоќа безбедно слета во Белград, ставајќи крај на неизвесноста за десетици семејства кои изминативе денови стравуваа за судбината на своите најблиски во погодените подрачја на Блискиот Исток. Летот, организиран од Владата на Србија и Министерството за надворешни работи на Србија, претставуваше итна хуманитарна мисија за извлекување на граѓани од зоната на конфликт.
Авионот полета од Белград во попладневните часови, а по пристигнувањето во египетското летувалиште Шарм Ел Шеик, ги презеде евакуираните лица кои претходно биле префрлени од Израел. Меѓу нив имало и мали деца, како и државјани на Босна и Херцеговина, Македонија, Хрватска и Црна Гора, гест што официјален Белград го оцени како порака на регионална солидарност.
Државниот секретар во српското МНР, Дамјан Јовиќ истакна дека операцијата не е само логистички предизвик, туку и доказ за определбата на Србија да им помогне и на соседите во време на криза. Според него, сите државни институции, од претседателот до дипломатско-конзуларните претставништва – се во постојана координација со цел да се заштитат животите на граѓаните и да се ублажат последиците од воените случувања.
Евакуираните патници сведочат за драматичните моменти низ кои поминале. Еден од патниците, Синиша Николиќ, нагласи дека реакцијата на српските власти била брза и ефикасна, овозможувајќи им во рок од 24 часа да ја напуштат опасната зона. Душан Степановиќ ја опиша атмосферата како напната и вознемирувачка, додавајќи дека ситуацијата го потсетила на тешките години од крајот на деведесеттите. Тој упати благодарност до претседателот Александар Вучиќ и до српската амбасада во Израел за навремената интервенција.























