
Кривична пријава против седум физички и две правни лица од Гостивар за „бесправно градење“, „фалсификување исправа“, „несовесно работење во службата“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против А.С.(27), А.С.(27), А.С.(47), Б.А.(54), И.Б.(33), С.Е.(48), В.Р.(42), Друштво за производство, проектирање трговија, градежништво и услуги од Гостивар и Друштво за геодетски работи, проектирање, инжинеринг и консалтинг од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“, „фалсификување исправа“, „несовесно работење во службата“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“. Првопријавениот, второпријавениот и третопријавената-нивна мајка, во својство на физички лица-инвеститори, во текот на 2021 и 2022 година на нивна катастарска парцела во Гостивар вршеле градежни активности спротивно од одобренијата за градба издадени од општина Гостивар.
Четвртопријавениот Б.А., управител на Друштвото за геодетски работи, изготвил геодетски елаборат кој не се совпаѓал со основниот проект за градење и изготвил лажна исправа која ја употребил како вистинска исправа на правното лице проектирање инженеринг и консалтинг од Гостивар.
Петтопријавениот И.Б., управител на Друштво за производство, проектирање трговија, градежништво и услуги, изготвил Завршен извештај за извршен технички прием на објектот, според кој лажно е констатирано дека градбата е изградена согласно одобрението за градење и основниот проект.
Шестопријавениот С.Е., иако знаел дека овластениот градежен инспектор В.Р. со записник констатирал дека се гради надградба надвор од одобрението и дека не се отстранети недостатоците во дадениот рок, документацијата за градбата ја проследил на 03.10.2022 по електронски пат до Агенцијата за катастар на недвижности каде што ја регистрирале градбата и издале имотен лист. Седмопријавениот В.Р., најправин изготвил записник со констатација дека објектот не е изведен согласно одобрението и дал рок да се отсранат недостатоците, но потоа не спровел контролен инспекциски надзор по решението со што на инвеститорот му овозможил да го стави објектот во функција.























