Црногорската полиција уапси белградскиот жител М.Б. (45), кој е осомничен за тешки кривични дела против јавната безбедност во врска со нелегално работење и нерегистрирани деловни активности, пренесе „Мондо“.
Несреќата се случила на плажата во Кримовица, кога експлодирал резервоар за нуркање. При детонацијата, фрагменти од боцата го погодиле малолетно лице – странски државјанин – во пределот на раката, што довело до ампутација на дланката. Повредениот веднаш бил пренесен со Итна помош, додека уште две лица побарале медицинска помош поради полесни повреди.
„Граѓанинот на Република Србија, М.Б. (45), е лишен од слобода. Тој е осомничен дека ги сторил кривичните дела со кои предизвикал опасност по животот или телото на луѓето на плажа во Кримовица, користејќи општо опасно средство, додека се занимавал со дејност без регистрација или одобрение“, соопшти полицијата.
Обвинителот од Основното државно обвинителство во Котор веднаш бил известен за инцидентот и излегол на лице место, каде бил извршен увид во присуство на машински вештак.
По наредба на в.д. обвинителот, осомничениот Белграѓанец бил лишен од слобода и ќе се соочи со кривични пријави.