Поранешниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, најави дека во октомври ќе отпатува во Русија каде директно ќе побара од рускиот претседател Владимир Путин да ја поддржи идејата за отцепување на РС од Босна и Херцеговина.
Во изјава објавена од BBC на руски јазик, Додик призна дека и претходно се обидел да го убеди Путин, но дека рускиот лидер тогаш останал на ставот за поддршка на Дејтонскиот договор и територијалниот интегритет на БиХ. „Многу се промени од тогаш. Ќе се обидам да го убедам да го поддржи нашиот став за независност. Не знам дали ќе успеам, но сигурно ќе разговараме за тоа“, изјави Додик.
Додик по сила на закон повеќе не е претседател на РС, откако Судот на БиХ го осуди на една година затвор поради непочитување на одлуките на високиот претставник. Сепак, тој одбива да го напушти кабинетот во Бања Лука, а за 25 октомври веќе е закажан референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали треба да се почитува одлуката на Судот за одземање на мандатот.
Според Додик, овој референдум е само „загревање“ за идни процеси на самоопределување. Тој изјави дека БиХ „не заслужува право на постоење“ и дека логично е Србите во РС да бараат статус на независна држава.
Во претходни изјави за прорускиот портал Sputnik, Додик најави дека исто така ќе побара Русија во октомври во Советот за безбедност на ОН со вето да го блокира продолжувањето на мисијата на ЕУФОР „Алтеа“ во БиХ.