Градот Загреб официјално им препорача на сите основни училишта да забранат користење на мобилни телефони за време на целокупниот престој на учениците во училиште, вклучувајќи ги и часовите и паузите.
Препораката е донесена врз основа на анализа на градската комисија за превенција и сузбивање на зависности, која се темели на истражувања и анкети спроведени во училиштата во Загреб. Целта е да се намалат негативните последици од прекумерната употреба на мобилни телефони кај децата, како што се проблеми со менталното здравје, нарушен сон, намалена концентрација, нарушени семејни односи и изложеност на онлајн насилство.
Според препораката, училиштата треба да вклучат забрана за употреба на мобилни телефони во својот куќен ред, кој се усвојува со согласност на наставничкиот совет, родителскиот совет и ученичкиот совет. Исклучоци ќе постојат само за здравствени потреби на поединечни ученици.
„Бројни студии покажуваат сериозни негативни ефекти од прекумерната употреба на мобилни телефони кај децата. Затоа училиштето треба да биде место без мобилни телефони“, изјави заменик-градоначалникот Данијела Доленец.
Некои училишта во Загреб веќе воведоа ваква забрана, а сега градот ги охрабрува сите останати да го сторат истото. Анкета од 2022 година покажува дека околу 85% од наставниците ја поддржуваат забраната за користење на мобилни телефони во училиште.
„Оваа мерка сама по себе не ги решава сите проблеми со прекумерната употреба на паметни телефони, но е важен чекор кон подобрување на условите за учење и развој на учениците. Ќе им дадеме целосна поддршка на училиштата во спроведувањето на оваа препорака“, заклучи Доленец.