Американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за радиото „The Scott Jennings Radio Show“ изјави дека е „многу разочаран“ од рускиот претседател Владимир Путин и најави дека неговата администрација планира да преземе мерки за намалување на бројот на загинати во Украина.
„Имавме одлични односи, но сега сум многу разочаран од претседателот Путин и ќе сториме нешто за да им помогнеме на луѓето таму“, изјави Трамп, додавајќи дека „илјадници луѓе умираат, ова е војна без смисла“.
Трамп се осврна и на својот добар однос со украинскиот претседател Володимир Зеленски и на средбите со клучните европски сојузници, истакнувајќи дека очекува средба помеѓу Зеленски и Путин пред трилатералниот состанок на кој би учествувал и тој. Русија, пак, тврди дека дневниот ред за таков состанок не е подготвен.
Претседателот ги демантираше гласините за лошо здравје, нарекувајќи ги „лажни вести“. „Никогаш не сум се чувствувал подобро“, нагласи тој.
Трамп најави и федерална интервенција во Чикаго, без да прецизира датум, истакнувајќи дека тоа ќе се случи и на други места. Претходно, Националната гарда беше испратена во Вашингтон поради проблеми со насилство и криминал, а Трамп предупреди дека и други градови, како Чикаго, Лос Анџелес, Њујорк и Балтимор, се соочуваат со слични проблеми, кои според него се последица на управувањето од демократите.
Градоначалникот на Чикаго, Брендон Џонсон, реагираше дека испраќањето на Националната гарда „само би го дестабилизирало градот и би ги поткопало напорите за јавна безбедност“.