Рускиот воен апарат се соочува со големи загуби и недостиг на обучени војници, па сè повеќе се потпира на технологија за да ја одржи иницијативата и да продолжи со офанзивите во Украина.
Според анализа на OSINT проектот DeepState во соработка со Telegram каналот Mannerheims son, наместо масовни фронтални напади, руските сили сега користат мали пешачки групи, дронови и роботизирани возила. Секој тим од два до четворица војници делува самостојно, додека од воздух или од земја добива поддршка преку беспилотни системи. Целта е да се намалат човечките загуби и да се избегнат отворени пешачки борби.
Дроновите стануваат клучни во новата тактика – за извидување, напади на украински позиции и поддршка на пешадијата. FPV дронови и „камиказе“ летала заменуваат класични операции со човечки ресурси, додека беспилотни копнени возила се испраќаат пред војниците за да го примат првиот удар.
„Видлив е напредок во квалитетот и бројноста на руските тактички дронови, од FPV летала до крилати и квадрокоптер варијанти. Сепак, сè уште постојат проблеми со недоволна снабденост, зависност од кинески компоненти и нееднаков тренинг на пилотите“, вели Самуел Бендт, советник во американскиот CNA институт.
Украинската армија се прилагодува со многуслојни системи на одбрана, користејќи електронско војување за нарушување на руските дронови и развивајќи домашни беспилотни системи. Командантите во Киев истакнуваат дека помалите тимови поддржани од дронови се потешки за откривање и неутрализирање, но линиите на одбрана остануваат цврсти.
Аналитичарите предупредуваат дека големата употреба на дронови ќе ја обликува динамиката на борбите во наредните месеци, при што Русија ќе се обиде да го надомести недостигот на војници, а Украина ќе бара решенија преку технолошки иновации.