Стратешките резерви на гориво на Бугарија моментално се доволни за околу еден месец, соопшти шефот на Агенцијата за државни резерви, Асен Асенов. Тој истакна дека половина од залихите се складираат во странство, додека другата половина е на бугарска територија.
Залихите на бензин во домашните магацини се доволни за околу 35 дена, а дизелот за повеќе од 50 дена, пренесува Бугарската новинска агенција. Иако Бугарија ја исполнува обврската да има залихи што ја покриваат побарувачката за 90 дена, само половина од овие количини се физички присутни во земјата, додаде Асенов. Странските складиралишта се наоѓаат во Италија, Холандија, Унгарија, Словачка, Грција и Романија, а доставата може да трае од седум до 45 дена.
Три приватни компании не ги исполнуваат своите законски обврски за складирање гориво поради недоволни капацитети, што би покрило околу пет дена од задолжителните резерви. Околу 80 проценти од залихите што приватните компании мораат да ги одржуваат се снабдуваат од Лукоил. Асенов нагласи дека државата ќе обезбеди потребните залихи без оглед на ситуацијата во приватниот сектор.
Владата потпиша договор со приватни компании за месечно следење на количината и квалитетот на складираното гориво. Рафинеријата на Лукоил во Бургас ќе продолжи со работа, а во случај на намалено производство или привремено сопирање, се подготвени алтернативни опции за обезбедување на дизел и бензин.























