Обвинителството на Босна и Херцеговина официјално побарало информации од надлежните институции во Молдавија во врска со аферата за наводни руски инструктори кои обучувале молдавски државјани во кампови на територијата на Република Српска, објави „Детектор“.
Според писмениот одговор од Обвинителството, барањето било испратено преку механизмите за меѓународна правна помош пред неколку месеци, но молдавските власти досега не одговориле. Предметот е отворен во јули 2025 година, а истрагата е сè уште во тек.
Камповите првпат беа споменати кон крајот на 2024 година, по новинарско истражување на „Детектор“ и молдавскиот медиум CU SENS. Учесници во обуките сведочеле дека во околината на Бања Лука биле обучувани за организирање масовни протести, провокации кон полицијата, како и ракување со дронови и изработка на „Молотови коктели“. Дел од инструкторите биле поврзани со руската паравоена група „Вагнер“.
Дополнителни детали испливаа на судски рочишта во Кишњев, каде осудениот Владимир Харчевников сведочел дека во БиХ пристигнал преку Србија и учествувал во обуки и техничка подготовка на дронови. Како приближна локација на еден од камповите било наведено селото Гламочани, во близина на поранешниот воен аеродром Залужани.
Властите во Република Српска, како и Амбасадата на Русија во БиХ, ги негираат сите наводи.
Паралелно со истрагата во БиХ, молдавската полиција во септември приведе 74 лица осомничени за планирање на немири, од кои дел се поврзуваат со руските криминални мрежи и со учесници во камповите.























