Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека ја спречила, како што ја нарекува, „голема провокација“ на украинските и британските разузнавачки служби, која наводно имала цел руски пилот да го пренасочи борбениот авион „МиГ-31“ вооружен со хиперсоничната ракета „Кинжал“.
Според информациите што ги објавија руските државни медиуми, пилотот наводно требало да слета на НАТО базата во романскиот град Констанца, каде што авионoт би бил соборен од противвоздушната одбрана, што Москва го опишува како обид за креирање меѓународен инцидент.
ФСБ тврди дека навреме презела контрамерки и ја спречила реализацијата на планот. Според руската страна, на еден од пилотите му биле понудени 3 милиони долари и можност за добивање странско државјанство.
Руската државна телевизија емитуваше фотографии од пораките и снимки од лице кое, според тврдењата, било поврзано со украинските и британските служби. Ниту Киев, ниту Лондон засега не реагираа на овие обвинувања.
„Кинжал“ е хиперсонична балистичка ракета со голема брзина и маневарска способност, што ја прави тешка за пресретнување. Таа е дел од оружениот арсенал со кој Москва често ја демонстрира својата воена моќ.
Русија со години ја обвинува Велика Британија за учество во тајни операции на нејзина територија, додека британската влада смета дека Кремљ води агресивна политика со цел дестабилизација на европските демократии.























