
Градот Бања Лука во Босна и Херцеговина започна со доделување бесплатни парцели за изградба на куќи, насочени кон млади брачни парови и самохрани родители. Иницијативата е овозможена со измените на Законот за стварни права кои стапија на сила на 21 март оваа година.
Советничката на градоначалникот за правни прашања, Ведрана Проле, истакна дека новите законски одредби дозволуваат градење без надомест за брачни парови под 35 години, самохрани родители и семејства со четири или повеќе деца. Програмата, покрај парцелата, обезбедува и бесплатни градежни дозволи и проект за куќата, со што значително се намалуваат трошоците за изградба.
Од Градот велат дека интересот е голем – на претходниот јавен повик се пријавиле околу 500 кандидати, што укажува на потребата од ваква поддршка. Иницијативата претходно беше оспорена, но усвоените законски измени и одлуката на Уставниот суд на Република Српска потврдија дека доделувањето на правото за градење без надомест е подеднакво достапно за сите граѓани.























