УТРО.мк

Алармантен раст на дебелината во Македонија: Се бара итна реакција

Алармантен раст на дебелината во Македонија: Се бара итна реакција
Vero

Зголемената телесна тежина сè повеќе се наметнува како сериозен здравствен проблем во Македонија, следејќи го глобалниот тренд на пораст на обезноста. Особено загрижува фактот што оваа појава сè почесто ги зафаќа децата и адолесцентите, што отвора прашања за долгорочните последици врз јавното здравје.

Според достапните статистики, преваленцата на обезноста во земјава се движи меѓу 30 и 35 проценти, што ја става Македонија меѓу земјите со висок ризик од заболувања поврзани со прекумерна тежина.

Во справувањето со овој предизвик, значајна улога имаат центрите за третман на дебелина, кои функционираат при Клиниката за ендокринологија и во ГОБ „8 Септември“. Дополнително, неделава во охридската болница беше отворен и првиот центар за менаџирање на дебелина во југозападниот регион, со цел подобрување на пристапот до специјализирана здравствена грижа.

Стручњаците предупредуваат дека обезноста не е само естетски проблем, туку сериозна хронична болест поврзана со повеќе од 200 други здравствени состојби, меѓу кои кардиоваскуларни заболувања и дијабетес тип 2.

Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека е неопходен координиран и мултисекторски пристап, кој ќе вклучи институции, здравствени работници и граѓанскиот сектор, со цел подигнување на свеста и ефикасна превенција.

На симпозиумот организиран од научното здружение ОБЕМ беше потенцирана важноста од едукација, превенција и заедничка акција во борбата против оваа појава.

Од Министерството за здравство најавуваат дека ќе продолжат со мерките за поддршка, особено преку програмите за обезбедување инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер во крвта, со посебен акцент на едукација за правилен третман и контрола на дијабетесот, имајќи ја предвид неговата тесна поврзаност со обезноста.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран