
Косово планира да започне локално производство на албанското оклопно возило „Шота“ во партнерство со Албанија и Хрватска, што би претставувало прв заеднички проект за производство на оклопни возила на Балканот.
Вршителот на должноста министер за одбрана на Косово, Ејуп Маќедончи, потврди дека се водат разговори со Албанија за финализирање на билатерален договор, кој подоцна би се проширил и на Хрватска. Тој истакна дека партнерите се согласиле на заеднички развој и производство, при што поединечните компоненти би се произведувале во различни земји.
Проектот е дел од договорот за соработка во одбраната и безбедноста што Косово, Албанија и Хрватска го потпишаа во март во Тирана, а кој отвора можност и за приклучување на дополнителни земји во иднина. Ако се реализира, ова би било прв пат три балкански држави заеднички да произведуваат воено оклопно возило, наменето за нивните вооружени сили и за извозни пазари.



























