
На 4-та седница на Советот на Општина Битола, градоначалникот Тони Коњановски го претстави буџетот за 2026 година, со кој се предвидени значајни инвестиции во инфраструктура, спорт и урбан развој.
„Со новиот буџет го отвораме патот кон еден нов циклус на инвестиции, со акцент на инфраструктурата и спортот како симбол на заедништво, успех и развој на Битола“, рече Коњановски.
Градоначалникот нагласи дека нема да има мигрантски кампови на територијата на општината и ги осуди обидите за ширење дезинформации.
Во делот на спортската инфраструктура, Коњановски најави основање ново јавно претпријатие за управување со спортските објекти, кое ќе функционира од сопствени приходи и ќе ги опслужува објектите како што се градскиот стадион „Петар Милошевски“, спортската сала „Боро Чурлевски“, затворениот базен и Олимпискиот базен.
Буџетот на Општина Битола за 2026 година изнесува 1.650.166.707 денари, а со самофинансирачки активности, дотации и донации, вкупниот буџет достигнува 3.107.580.972 денари. Главните капитални расходи се насочени кон изградба и реконструкција на улици, водовод и канализација, нови паркинзи, улично осветлување, спортски игралишта, детски градинки и системи за одведување и прочистување на отпадни води.
Коњановски истакна дека буџетот се базира на економичност, рационалност и транспарентност во трошењето, со цел да се обезбеди стабилен развој и подобри услови за сите жители на Битола.



























