Британскиот крал Чарлс истакна дека Велика Британија и Германија се подготвени да ја поддржат Европа во услови на закана од понатамошна руска агресија. Тој го пофали заедничкиот одбранбен договор со Германија, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, јави Скај њуз.
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој е во тридневна државна посета на Обединетото Кралство, изјави дека двете земји работат рамо до рамо за да ја промовираат безбедноста и стабилноста на Европа, со посебна поддршка за Украина. Ова е прва официјална посета на германски лидер на Велика Британија по 27 години.
За време на престојот, Штајнмаер се сретна со британскиот премиер Кир Стармер на тркалезна маса со бизнис лидери, како дел од проект за електрични возила вреден 20 милиони евра, кој ќе отвори 150 работни места во Нортхемптоншир и Оксфордшир. Во јули, двете земји го потпишаа Договорот од Кенсингтон, со кој се зацврстува соработката во прашања како Украина, миграција, економски раст и трговија.
Посетата вклучи церемонијален воен пречек, возење со кралска кочија и положување цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора во капелата „Свети Ѓорѓи“, а на банкетот во Виндзор кралот Чарлс се пошегува за нивната заедничка љубов кон фудбалот, додавајќи дека „на крајот, Германците победуваат“.



























