
Необичен настан во Макао, специјалниот административен регион на Кина, привлече огромно внимание на социјалните мрежи откако полицијата морала да интервенира по инцидент во кој хуманоиден робот исплашил постара жена.
Според извештаите на локалните медиуми, инцидентот се случил во населбата Патане, во близина на станбениот комплекс „Лок Јеунг Фа Јуен“. Жената, која има околу 70 години, се движела по улица додека гледала во својот телефон, кога одеднаш забележала хуманоиден робот зад себе, што ја исплашило.

Очевидци снимиле видео на кое се гледа како жената луто се расправа со роботот, додека околу нив се собираат минувачи. Набргу на местото пристигнала полицијата, а двајца полицајци се гледаат како го придружуваат роботот и го отстрануваат од улицата, што на социјалните мрежи предизвика шеги дека роботот бил „уапсен“.

Жената била пренесена во болница како мерка на претпазливост, иако немала физички повреди, по што била пуштена дома. Таа не поднела никаква пријава.
Полицијата соопштила дека роботот бил вратен на неговиот оператор, маж во педесеттите години, кој го користел за промотивни активности на локален образовен центар. На операторот му било укажано да биде повнимателен при користење на роботот на јавни места.
Роботот е идентификуван како модел Unitree G1, хуманоиден робот произведен од кинеската компанија Unitree Robotics. Овој модел е висок околу 130 сантиметри, тежок околу 35 килограми и е опремен со камери и сензори за избегнување пречки.
Инцидентот повторно ја отвори дебатата за безбедноста и правилата за користење на роботи во јавен простор, бидејќи ваквите технологии сè почесто се појавуваат на улиците како дел од промотивни настани и технолошки демонстрации.























