
Мета, матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм, подготвува нов внатрешен софтвер кој ќе го следи начинот на кој вработените ги користат компјутерите, со цел да ги „храни“ сопствените системи за вештачка интелигенција.
Според интерни документи во кои увид имал Ројтерс, алатката позната како Model Capability Initiative (MCI), ќе ги бележи движењата на глувчето, кликовите и внесувањето преку тастатура додека вработените работат во веб-апликации и канцелариски програми. Во одредени моменти, системот ќе прави и снимки од екранот, со цел да се зачува контекстот на работните активности.
Идејата зад оваа иницијатива е да се пополни една од клучните празнини во развојот на АИ моделите: нивната ограничена способност да ја разберат и имитираат реалната, секојдневна интеракција меѓу човекот и компјутерот. Особено се таргетираат комплексни, но рутински активности како користење кратенки, навигација низ менија или избор на специфични опции во софтвер.
Во интерна комуникација до вработените стои дека нивната секојдневна работа практично ќе придонесува директно во подобрувањето на моделите, претворајќи ги обичните активности во материјал за обука на идни АИ системи.
Мета во последниот период значително го засилува фокусот на вештачката интелигенција, настојувајќи да ја вгради во речиси сите аспекти од своето работење, од производите до внатрешните процеси. Компанијата истовремено ја прилагодува и својата работна структура со цел таа да биде поусогласена со новата технолошка насока, со аргумент дека тоа ќе донесе поголема ефикасност и автоматизација.
Главниот технички директор на Мета, Ендру Босворт, во одделна порака до персоналот нагласил дека компанијата планира дополнително да го прошири собирањето на интерни податоци како дел од пошироката стратегија за развој на напредни АИ системи.























