
Изјаснувањето на граѓаните на референдум е најзначаен облик на демократијата. Е, тоа сега го доразбра и СДСМ. Затоа деновиве упорно бара одржување на референдум во Крива Паланка по прашање околу отворањето на рудник за Антимон. Од партијата на Венко Филипче велат – најважно е народот да кажел што мисли за тој проект.
Добро е да се чуе дека социјалдемократите копајки во својот партиски рудник наидоа и на демократската лекција дека треба за важни прашања да се изјаснат, а потоа и уважат ставовите на граѓаните. Но, не е добро што многу доцна влегоа во длабокото нивно „окно” каде ова се кажува. Сигурно и на влезот од нивниот рудник пишува: „Среќно”, ама сепак немаат среќа во една работа – Македонија не заборава некои работи.
На пример нема да се заборави како се однесуваше СДСМ при референдумот за наметнатата промена на државното име. Граѓаните практично кажаа „НЕ”, а власта на СДСМ тоа си го протолкува како „ДА” и ударнички го заобиколи народното мислење.
Не се заборава и 2005 година, кога за референдумот за Законот за територијална организација, од Владата на СДСМ водеа кампања со пораки дека „некои прашања не заслужуваат одговор”. Тогаш референдумот им беше нешто што треба да се премавне, заобиколи, минимизира…
Овие „површински копови” на социјалдемократите за многумина сега отвораат прашање и дилема – СДСМ напредува и почна да ја разбира демократијата или пак ова барање за референдум е само за некаква дневнополитичка потреба?
Да се надеваме дека е првото и дека копајќи во својот рудник (во овие тешки времиња за партијата) СДСМ ќе стигне и до камените блокови на кои одамна е исклесано дека успехот и развојот во демократијата не се гради со селективно дејствување, туку со конзистентност.
Колумна на Никола Тасев























