
Штип, 24.04.2026 – Akuo, глобален производител на обновлива енергија, во партнерство со Eco Logic, невладина организација посветена на промоција на еколошките вредности преку образование, и Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, го започнува проектот Akuo EduLab, пилот-иницијатива насочена кон зајакнување на образованието за одржливост во Република Македонија. Иницијативата е поддржана од Француската амбасада во Република Македонија.

Проектот ги поддржува студентите од образовните науки во стекнувањето зелени компетенции и им дава можност ова знаење да го пренесат на ученици од основните училишта на возраст од 6 до 12 години, преку активности што ќе се реализираат во училиштата.
Се очекува Akuo EduLab да придонесе темите поврзани со одржливоста, животната средина и енергетската иднина да станат повидлив и посуштински дел од современото образование. Проектот е осмислен како хибриден модел што ги поврзува високото образование и училишната практика, со цел да се создаде подостапен, интерактивен и применлив модел за учење за одржливост.

„Како компанија што инвестира во обновлива енергија и долгорочен развој, веруваме дека одржливата иднина се гради не само преку нови енергетски капацитети, туку и преку знаење, образование и силни локални партнерства. Со Akuo EduLab сакаме да придонесеме темите за одржливост да им бидат поблиски, поразбирливи и поприменливи на младите, а воедно да им помогнеме на идните наставници да стекнат практични алатки што ќе ги користат во својата работа“, изјави Емил Бакиќ, директор на Akuo Balkans.
Програмата ќе опфати теми како обновливи извори на енергија, биодиверзитет, одржливо градинарство, системско размислување и еколошка комуникација, со акцент на практично учење и содржини приспособени на локалниот контекст.
„За нас е особено важно што преку Akuo EduLab одржливоста не останува само концепт, туку станува конкретна образовна практика. Проектот е значаен затоа што создава реална врска меѓу еколошкото образование, наставната практика и локалниот контекст“, изјави Никола Нешкоски, програмски директор на Eco Logic.
Се очекува проектот директно да вклучи околу 20 студенти од Факултетот за образовни науки и 20 наставници од основните училишта, а индиректно да опфати повеќе од 400 ученици во Општина Штип. Меѓу очекуваните резултати е и систематизацијата на стекнатото искуство преку подготовка на посебен практичен прирачник, со цел моделот подоцна да може да се применува, надградува и приспособува и во други образовни средини.
„За нас, Akuo EduLab претставува вредна можност студентите да го надградат своето академско знаење преку практична примена во реална образовна средина. Особено е важно што преку овој проект ќе работат на теми што стануваат сè порелевантни во современото образование и ќе стекнат искуство што ќе биде корисно за нивниот понатамошен професионален развој“, изјави проф. д-р Трајче Стојанов, декан на Факултетот за образовни науки.
Со вложување во идните наставници и создавање простор децата уште од рана возраст да се запознаат со темите за одржлив развој, проектот има цел да придонесе кон посилна еколошка свест, унапредени педагошки капацитети и поблиска соработка меѓу универзитетите и училиштата.























