
Јавните радиодифузери во Ирска, Шпанија и Словенија оваа година нема да го пренесуваат натпреварот за песна на Евровизија, откако се приклучија кон бојкот поврзан со учеството на Израел на фестивалот.
Одлуката прво беше јавно потврдена од Словенија, каде што националниот радиодифузер РТВ Словенија соопшти дека целосно се повлекува од емитувањето на настанот. Наместо директни преноси од сцената на Евровизија, програмата ќе биде заменета со тематски филмски содржини посветени на Палестина, меѓу кои документарни и играни филмови од серијата „Гласовите на Палестина“. Директорката на РТВ Словенија, Ксенија Хорват, во изјава за Асошиејтед прес истакна дека годинашниот музички спектакл нема да биде дел од нивната програмска шема.
Шпанија, преку својот јавен сервис РТВЕ, ја потврди истата линија на бојкот, продолжувајќи ја претходната одлука од минатата недела. Со тоа, за првпат од 1961 година, Евровизија нема да биде емитувана на шпанската национална телевизија, иако земјата историски редовно учествува во натпреварот.
Од Ирска, пак, јавниот сервис РТЕ уште во декември најави дека нема да учествува ниту да го емитува настанот, ставајќи крај на своето досегашно присуство во една од најгледаните музички манифестации во светот.
Иако Холандија и Исланд исто така се повлекоа од учество, нивните национални радиодифузери NPO и RÚV сепак ќе продолжат со емитување на натпреварот.
Годинешното издание на Евровизија, кое ја одбележува 70-годишнината од фестивалот, ќе се одржи во Виена од 12 до 16 мај и ќе обедини 35 земји учеснички.
Контроверзијата околу бојкотот е поврзана со одлуката на Европската радиодифузна унија (EBU) да дозволи учество на Израел, и покрај критиките поврзани со неговото воено делување во Газа.
Во поширок политички контекст, словенечкиот премиер Роберт Голоб, кој неодамна беше реизбран, претходно јавно ја критикуваше израелската политика и неговата влада презеде мерки, меѓу кои и забрана за увоз на производи од израелски населби на Западниот Брег.
Иако Евровизија традиционално се претставува под мотото „Обединети со музика“ и настојува да остане надвор од политиката, последните години повторно го нагласуваат спротивното, дека големите меѓународни настани ретко успеваат целосно да ги избегнат глобалните конфликти. Забраната за учество на Русија по инвазијата врз Украина во 2022 година останува еден од најсилните примери за тоа.























