УТРО.мк

Што прават европските земји со двојното државјанство и дали Македонија оди поинаку?

Што прават европските земји со двојното државјанство и дали Македонија оди поинаку?
Vero

Предлог-законот поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ отвори една чувствителна дебата во нашиот јавен дискурс. Идејата е едноставна, но последиците се далекусежни дали лица со двојно државјанство (бипартриди) или повеќекратно државјанство (полипартриди) треба да имаат право да бидат дел од законодавната власт. Реакциите се силни и поделени. Дел од јавноста ја поздравува иницијативата како чекор кон заштита на државниот интерес, додека други предупредуваат дека се отвора опасен преседан кој може да ги ограничи основните демократски права.


Во позадина на оваа дебата стои едно многу лично прашање кое не е само правно туку и животно. Илјадници граѓани на Македонија имаат второ државјанство поради работа, образование или семејни причини. За нив, ова не е апстрактна тема туку директно прашање дали утре би можеле да бидат дел од политичкиот живот во сопствената земја. Во таква атмосфера, логично се наметнува едно пошироко прашање кое ја надминува домашната дебата како е решено ова прашање во соседството и пошироко во Европа. Дали земјите од регионот веќе се соочиле со ваква дилема и дали избрале рестрикции или отворен пристап. Токму оваа споредба станува клучна за да се разбере дали Македонија се движи во согласност со европските трендови или отвора поинаков пат.


Кога се погледнува европската пракса, сликата е прилично јасна. Во најголемиот дел од земјите членки на Европска Унија двојното државјанство е нормална појава. Во држави како Франција, Италија и Шведска тоа не претставува никаква пречка за учество во јавниот живот. Политичарите таму не се оценуваат според бројот на пасоши, туку според нивната одговорност и довербата што ја добиваат од граѓаните.
Постојат и земји како Германија или Холандија каде постојат одредени правила околу стекнување државјанство, но тие ретко се претвораат во ограничување на политичките права. Единствен поизразен исклучок е Австрија каде двојното државјанство е значително порестриктивно, но дури и таму фокусот е на статусот на државјанството, а не на забрана за политичко учество.


Во македонски услови, дилемата станува уште покомплексна. Од една страна стои аргументот за лојалност кон државата и потребата носителите на највисоки функции да немаат никаква „поделена припадност“. Од друга страна е реалноста на една земја со силна дијаспора, каде голем дел од граѓаните живеат, работат и создаваат надвор, но сепак остануваат тесно поврзани со татковината.


Правниците предупредуваат дека секое ограничување на правото да се биде избран мора да биде внимателно измерено. Тоа не е обично право туку еден од темелите на демократијата.


Во оваа дебата неизбежно се отвора и прашањето за уставноста на ваквото решение. Според Устав на Република Македонија, правото да се избира и да се биде избран е загарантирано политичко право на секој полнолетен граѓанин. Истата линија ја следат и Изборен законик и Закон за Собранието на Република Македонија, кои не предвидуваат ограничување врз основа на тоа дали граѓанинот има едно или повеќе државјанства, туку како клучен услов го поставуваат статусот на државјанин и исполнувањето на општите изборни критериуми.
Токму затоа, евентуално исклучување на лица со двојно или повеќекратно државјанство би отворило сериозна дилема дали се воведува нов, уставно непредвиден услов за кандидирање, со што би се довела во прашање еднаквоста на граѓаните пред закон и самиот опсег на загарантираните политички права.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран