
Денеска започна асфалтирањето на улицата „СРУ 5“, значајна сообраќајница во просторот на поранешната касарна во Битола, која ги поврзува улиците „Партизанска“ и „Крушевска Република“.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, истакна дека ваквите активности се дел од секојдневната работа на локалната самоуправа и претставуваат приоритет во подобрувањето на инфраструктурата.
„За некои ова ќе изгледа како свечен чин, а за нас е секојдневна редовна работа, бидејќи уличната и патната инфраструктура се наш приоритет“, изјави Коњановски.

Претходно беа изградени тротоари од двете страни на улицата со ширина од по 2,5 метри, како и поставени коловозни рабници. По завршување на асфалтирањето, најавено е уредување на велосипедска патека, како и хортикултурно уредување на просторот.
Улицата „СРУ 5“ располага со целосна подземна инфраструктура, вклучувајќи атмосферска и фекална канализација, водоводна мрежа и ново улично осветлување.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува над 9 милиони денари. Од Општината најавуваат дека активностите ќе продолжат и во наредниот период со нови проекти насочени кон подобрување на условите за сообраќај и комуникација на граѓаните.























