УТРО.мк

Иновација од Кина: Нова железна батерија што ја задржува ефикасноста и по 16 години

Иновација од Кина: Нова железна батерија што ја задржува ефикасноста и по 16 години
Vero

Кинески научници направија значаен пробив во областа на складирањето енергија, развивајќи нов тип „проточна батерија“ која би можела да ја промени иднината на електроенергетските системи.

Од Институтот за истражување на металите доаѓа решение кое, според првичните тестови, покажува импресивна издржливост: повеќе од 6.000 циклуси на полнење и празнење, што во практична употреба се преведува на над 16 години секојдневно користење. Дури и по ваков долг период, системот задржува стабилност, со ефикасност од околу 78,5 проценти.

Она што го издвојува овој пристап од постојните технологии е изборот на материјали. Наместо скапи и ограничени ресурси како литиумот, истражувачите се свртеле кон железото, елемент кој е далеку поевтин и широко достапен. Со нова формула на електролити и прецизно модифицирана молекуларна структура, успеале да решат еден од најголемите проблеми на ваквите системи: постепената деградација при долготрајна работа.

Дополнително, инженерските подобрувања значително го намалиле формирањето на штетни наслаги во внатрешноста на батеријата, како и „протекувањето“ на активните супстанции низ мембраната, две клучни слабости кои досега ги ограничуваа сличните технологии.

Потенцијалната примена на оваа иновација е особено значајна во енергетиката. Со оглед на растечката потреба за складирање електрична енергија од обновливи извори како сонцето и ветерот, ваквите системи би можеле да станат клучен елемент во стабилизацијата на електричните мрежи.

Економската логика е јасна: железото како основа носи драстично пониски трошоци во споредба со ретките метали, што отвора врата за поширока и поевтина примена во индустриски размери. Наместо краткотрајни и скапи решенија, оваа технологија навестува подолгорочен, поодржлив и поеколошки пристап кон складирањето енергија, со потенцијал да го промени балансот меѓу производството и потрошувачката на електрична енергија.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран