УТРО.мк

Мадрид: ЕУ мора да изгради сопствен одбранбен систем

Мадрид: ЕУ мора да изгради сопствен одбранбен систем
Vero

Европската Унија мора да престане да се потпира на туѓи проценки за сопствената безбедност и да почне сериозно да размислува за сопствена одбранбена сила, предупреди шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес.

Во разговор за „Политико“ во Брисел, тој истакна дека Европа не смее секое утро да ја започнува политичката агенда со дилемата како ќе реагираат САД. Според него, таквата неизвесност ја прави Унијата ранлива, особено во услови на растечки глобални тензии и притисоци од големи сили како Русија.

Албарес оцени дека тековните кризи, меѓу кои и ескалацијата околу Иран, ја покажуваат итната потреба Европа да го зајакне својот „стратешки суверенитет“. Тој го опиша моментот како пресвртница во која ЕУ мора да одлучи дали ќе остане зависна од надворешни партнери или ќе почне да делува самостојно.

„Ова е прашање на европска независност и политичка зрелост. Дури и самите Американци нè поттикнуваат да размислуваме во таа насока“, порача шпанскиот министер.

Во неговата визија, Европската Унија треба да изгради заеднички одбранбен механизам што ќе може да одвраќа потенцијални закани и да гарантира безбедност без постојана неизвесност околу улогата на НАТО и САД. Албарес нагласи дека ваквата иницијатива не значи слабеење на Северноатлантската алијанса, туку нејзино дополнување.

Тој посочи дека САД и самите континуирано ја модернизираат својата армија, без тоа да се толкува како оддалечување од НАТО, па смета дека Европа треба да постапи на сличен начин.

„Суштината на НАТО отсекогаш била одвраќањето, уверувањето дека никој не сака да го тестира Член 5. Токму таква сигурност мораме повторно да изградиме, но овојпат со посилна европска улога“, рече Албарес.

Иако повикува на поголема автономија, тој повтори дека трансатлантските односи остануваат клучни и дека САД и понатаму се природен и историски сојузник на Европа. Сепак, според него, промените во американската надворешна политика, особено под влијание на визијата на Доналд Трамп, бараат од ЕУ да се прилагоди на новата реалност.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран