УТРО.мк

1,2 милиони патници и над 8.000 летови: Рекорден раст на авио-движењето во Македонија, меѓу најбрзите во Европа

1,2 милиони патници и над 8.000 летови: Рекорден раст на авио-движењето во Македонија, меѓу најбрзите во Европа
Vero

Македонскиот авио-сообраќај бележи силен подем на почетокот од 2026 година, со резултати што ги издвојуваат Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид како едни од најдинамичните во регионот.

Под управување на „ТАВ Македонија“, двата аеродрома за само четири месеци опслужиле околу 1,2 милиони патници. Тоа претставува раст од 32,4% во споредба со истиот период минатата година, показател дека побарувачката за патувања од и кон Македонија значително се засилува. Паралелно со тоа, бројот на реализирани летови достигнал 8.123, што е зголемување од 10,7% на годишно ниво.

Според европските аеродромски анализи (ACI Europe), ваквата динамика го позиционира македонскиот авио-сектор меѓу најбрзорастечките во Европа и пошироко, во период во кој индустријата сè уште се соочува со низа глобални предизвици.

Од „ТАВ Македонија“ нагласуваат дека експанзијата е резултат на координирана стратегија со институциите, чиј фокус е проширување на авио-поврзаноста на земјата.

Во текот на годината се активирани пет нови дестинации, а плановите предвидуваат уште седум до крајот на 2026. Со тоа, вкупно 12 нови линии треба да ја зацврстат трендот на раст и да ја зголемат достапноста на Македонија на европската и светската мапа на патувања.

На Меѓународниот аеродром Скопје моментално се поврзуваат 78 дестинации, реализирани преку 15 авиокомпании. Од нив, 54 се редовни и сезонски линии, додека 24 се чартер-рути.

Развојот продолжува и со нови правци: по неодамна воведените летови кон Будимпешта и Неапол, следуваат и нови линии кон Трабзон, Самсун, Палермо и Алгеро, што дополнително ја проширува географијата на скопскиот аеродром.

Аеродромот „Свети Апостол Павле“ во Охрид исто така бележи засилена активност, со 17 дестинации опслужувани преку осум авиокомпании. Од нив, 14 се редовни и сезонски линии, а три се чартер-летови насочени кон туристички пазари.

Во текот на последниот период беа воспоставени нови рути кон Братислава, Милано и Штутгарт, додека за летната сезона се најавуваат уште проширувања. Во јуни треба да стартуваат летовите кон Вроцлав и Катовице, а од 21 јуни „Austrian Airlines“ ќе воспостави редовна линија кон Виена.

И покрај нестабилната геополитичка и енергетска слика во светот, македонските аеродроми продолжуваат со стабилен и забрзан развој. Растот на патници, новите линии и зголемената поврзаност создаваат основа за една од најуспешните деловни години во историјата на авио-секторот во земјата.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран