
Епл сериозно размислува за голем пресврт во својата камера стратегија, бидејќи според најновите информации, компанијата веќе тестира Ајфон со камера од дури 200 мегапиксели – технологија која веќе неколку години ја користат Андроид конкурентите.
Според извори од синџирот на снабдување, Епл моментално експериментира со нов сензор од 200MP, кој би бил значително поголем од сегашните камери во Ајфон моделите.
Ова би претставувало огромен скок, ако се земе предвид дека актуелните Ајфон модели користат камери од 48 мегапиксели, а Епл досега избегнуваше да влезе во „трката со мегапиксели“ и повеќе се фокусираше на софтверска обработка на фотографиите.
Новата технологија, доколку биде имплементирана, би овозможила значително поголем детал на фотографиите, подобар дигитален зум и можност за обработка без губење на квалитет.
Сензорот што се тестира е од типот 1/1.12 инчи, сличен на оние што веќе ги користат премиум Андроид уредите, што значи дека Епл се обидува да ги стигне или дури да ги надмине конкурентите како Самсунг.
Сепак, експертите предупредуваат дека повеќе мегапиксели не значат автоматски подобри фотографии, особено во услови на слаба осветленост. Токму затоа Apple се очекува да комбинира поголем сензор со својата напредна обработка на слика за да постигне квалитет.
Иако тестирањата се во напредна фаза, засега нема потврда кога ваквата камера би можела да се појави во комерцијален iPhone. Дел од анализите укажуваат дека тоа би можело да се случи најрано во 2027 или 2028 година, односно во некоја од идните генерации на Pro моделите.
Овој потег би значел значајна промена во филозофијата на Apple и директен одговор на конкуренцијата, особено Samsung, кој веќе неколку генерации користи 200MP камери во своите најмоќни модели.























