УТРО.мк

Свлечиштето кај Теферич се шири: Патот буквално се распаѓа, експертите бараат итна реакција

Свлечиштето кај Теферич се шири: Патот буквално се распаѓа, експертите бараат итна реакција
Vero

Ситуацијата со свлечиштето кај Теферич станува сè поалармантна, откако во последните денови дошло до ново и значително проширување на оштетувањата на патот, кој веќе е сериозно деформиран и небезбеден за користење.


Според наодите од терен, расцепот на коловозот, кој првично се појави пред повеќе од еден месец, во меѓувреме се зголемил неколкупати, при што делови од асфалтот пропаднале и до еден метар, а свлечиштето продолжува да се движи и надолу и странично.


Експертите од Градежниот факултет, кои извршиле стручен увид, ја оцениле локацијата како високоризична и предупредиле дека постои сериозна опасност од нови свлекувања. Во извештајот било јасно наведено дека е потребна итна реакција од страна на локалната самоуправа за да се спречи понатамошно проширување на штетата.


Неофицијално, на општината ѝ било наложено во најкус рок да го затвори патот и да интервенира со соодветни материјали за да се спречи навлегување на вода во пукнатините, што дополнително го забрзува процесот на свлекување. Сепак, според состојбата на терен, ваквите мерки сè уште не се целосно реализирани.


Граѓаните кои живеат во овој дел од Скопје се сè понезадоволни, посочувајќи дека проблемот не е нов и дека претходните санации биле неквалитетни и краткотрајни. Дополнителен сомнеж предизвикува фактот што патот бил реконструиран неодамна, а оштетувањата се појавиле за релативно кратко време.


Од Општина Кисела Вода информираат дека извештајот од експертите е веќе доставен и во моментов се анализира од повеќе институции, по што ќе се утврдат следните чекори за трајно решавање на проблемот. Истовремено, нагласуваат дека целта е да се најде безбедно и долгорочно решение, но признаваат дека процесот може да трае со месеци поради сложеноста на теренот.


Експертите предупредуваат дека ова свлечиште спаѓа во категоријата на брзорастечки, што значи дека без навремена интервенција, оштетувањата може дополнително да се зголемат и да претставуваат сериозен ризик за безбедноста на граѓаните.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран