
Полска подигна борбени авиони и ја стави противвоздушната одбрана на највисоко ниво на готовност откако Русија изврши масовен ракетен и дронски напад врз Украина во текот на ноќта, соопштија полските вооружени сили.
Според официјалните информации, во воздух биле кренати дежурни ловци, авион за рано предупредување, а активирани биле и радарските и копнените ПВО системи – како превентивна мерка за заштита на полскиот воздушен простор, особено во пограничните региони со Украина.
Поради воените активности, привремено биле затворени и аеродромите во Жешов и Лублин за да се овозможи непречено дејствување на воената авијација.
Властите во Варшава нагласија дека не е регистрирано нарушување на полскиот воздушен простор, што значи дека станува збор за стандардна одбранбена процедура кога ракетни напади се изведуваат во близина на границите на НАТО.
Иако сцените со кренати авиони создаваат впечаток на ескалација, експертите појаснуваат дека ваквите мерки се дел од колективната одбрана и не значат директно вклучување на НАТО во војната. Алијансата реагира само ако има напад врз територија на членка – што во овој случај не се случило.
Полска и претходно неколкупати креваше авиони поради руски напади врз западна Украина, токму за да спречи можни инциденти со ракети или дронови што би можеле да навлезат во НАТО-простор.























