Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека идејата за можен состанок со американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Будимпешта не би била позитивна за Украина, бидејќи – како што рече – Унгарија постојано ги блокира сите иницијативи во корист на Киев.
Зеленски ова го изјави во разговор со новинарите, додавајќи дека истата порака ја пренел и на специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф.
„Постојат многу подобри опции – Швајцарија, Австрија, Ватикан, Саудиска Арабија, Катар, Турција. Станува збор за мир во Украина, а не за избори во Унгарија. Не верувам дека премиер кој нè блокира на секој чекор може да донесе нешто позитивно или барем рамнотежа“, изјави Зеленски.
Тој го обвини унгарскиот премиер Виктор Орбан дека промовира проруски ставови и тврди дека „Русија има безусловна предност во војната“. Зеленски потсети дека Орбан не добил никакви овластувања од Киев кога самостојно патувал во Русија, Кина и САД, додавајќи дека неговите обиди за посредување „не донеле никакви резултати“.
Орбан, пак, со воодушевување ја поздрави најавата дека Трамп и Путин ќе се сретнат во Будимпешта за да разговараат за можен крај на војната, објавувајќи на социјалната мрежа X: „Ова е одлична вест за мирољубивите луѓе во светот. Подготвени сме!“
Зеленски потсети и на Будимпештанскиот меморандум од 1994 година, со кој големите сили гарантираа територијален интегритет на Украина во замена за нејзиното откажување од нуклеарно оружје, оценувајќи дека тој документ „се покажа како неефикасен“.
Според Зеленски, Трамп гледа на „унгарскиот формат“ како можен чекор кон прекин на војната, но украинскиот лидер вели дека „вистинскиот мир може да се постигне само ако двете страни на оваа трагедија седнат на иста маса“.
Тој исто така потврди дека Украина планира да набави 25 американски противвоздушни системи „Патриот“, кои ќе се испорачуваат постепено во следните години. Дел од средствата за набавката ќе бидат обезбедени преку користење на замрзнатата руска имотнина, а – како што рече – финансиската основа за планот веќе е подготвена.
„Ако навистина сакаме праведен и траен мир, потребно е и Русија да биде дел од решението“, заврши Зеленски во интервју за NBC News.