УТРО.мк

Зеленски со порака до Путин: Кримскиот мост нема да опстане

Зеленски со порака до Путин: Кримскиот мост нема да опстане
Vero

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Кримскиот мост „нема да опстане“ и порача дека Украина ќе продолжи да одговара на руските напади врз нејзините мостови и транспортна инфраструктура.

Во интервју за американската телевизија NBC News, пренесено од „Киев пост“, Зеленски рече дека руските сили од почетокот на годината ги напаѓаат украинските железници и мостови. Тие напади ги наведе како причина за украинскиот одговор насочен кон преминот што ја поврзува Русија со Крим.

„Од самиот почеток на оваа година, нивната цел беше да ја уништат нашата инфраструктура, железниците и мостовите. Нападнаа неколкупати. Се разбира, моравме да одговориме и одговоривме со напад врз Кримскиот мост“, изјави Зеленски.

Тој порача дека Украина ќе продолжи да одговара на нападите врз нејзината инфраструктура.

„Затоа ќе одговориме на неговите напади врз нашите мостови, а тој мора да разбере дека тој мост и онака нема да опстане“, рече Зеленски.

Оштетен патниот и железничкиот дел

Изјавата следува по серијата украински напади врз Кримскиот мост, долг околу 19 километри, кој преку Керченскиот теснец ја поврзува Русија со окупираниот Крим.

Во нападот ноќта меѓу 16 и 17 ноември, според објавените информации, биле урнати еден од главните патни лакови и дел од коловозот. Украинската безбедносна служба СБУ ја координирала операцијата во соработка со други единици на вооружените сили.

По сериозните оштетувања, руските власти го затвориле патниот сообраќај преку мостот.

Два дена подоцна, во ноќта меѓу 18 и 19 ноември, украинските сили повторно го нападнале преминот. Според Генералштабот на украинската војска, со противбродски крстосувачки ракети „Нептун“ бил погоден железничкиот дел.

Украинското Министерство за одбрана соопшти дека железничкиот сообраќај бил привремено прекинат. Руското Министерство за транспорт подоцна објави дека возовите повторно почнале да сообраќаат по едниот колосек, додека на другиот продолжиле поправките.

Рускиот вицепремиер Марат Хуснулин на 19 ноември потврди дека патниот дел е сериозно оштетен. Според него, експертите ги проценуваат можностите за реконструкција, а отворањето на одделни делови може да потрае еден до два месеца.

Русија вложува во алтернативниот пат кон Крим

По прекинот на патниот сообраќај преку мостот, Русија најави дополнително финансирање за патниот правец што води кон Крим преку окупираните делови на јужна Украина.

Руската влада на 20 ноември соопшти дека до крајот на годината планира да издвои до 20 милијарди рубљи, односно околу 244 милиони долари, за изградба и реконструкција на автопатот Р-280.

Од таа сума, до 10 милијарди рубљи се наменети за две делници од обиколницата околу окупираниот Мариупол. Руските власти планираат тие да бидат завршени до 2028 година, по што транзитниот сообраќај би се пренасочил надвор од градските улици.

Останатите средства се предвидени за поправка и проширување на три делници од Р-280 во окупираниот дел на Запорошката област. Москва одобрила и дополнителни 5,3 милијарди рубљи за регионални и градски патишта во окупираниот дел на Доњецката област.

Патниот правец ги поврзува Ростов на Дон, Мариупол, Мелитопол и Симферопол. Покрај цивилниот сообраќај, Русија го користи и за снабдување на своите воени сили на окупираните територии.

Напади и врз други транспортни врски

Нападите врз Кримскиот мост се дел од пошироките украински напори насочени кон транспортните правци што Русија ги користи за воено снабдување.

Според украинскиот Генералштаб, на 14 и 15 ноември биле нападнати мостови кај Таганрог и над устието на реката Миус во руската Ростовска област. На 15 ноември бил погоден и мостот над реката Северски Донец кај Пришиб, во окупираниот дел на Луганската област.

Украинската војска ги смета премините за важни точки на руската логистика, преку кои се пренесуваат војници, муниција, гориво и друга опрема кон фронтот.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Horoskop Lotarija
Филигран