
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија донела одлука на своја територија да има меѓу 30.000 и 50.000 севернокорејски војници.
„Ако на почетокот се зборуваше за стотици, потоа илјадници, сега е донесена одлука да има од 30 до 50 илјади Севернокорејци на територијата на Русија“, рече Зеленски во интервју за украинскиот телевизиски маратон „Единствени вести“.
Според него, севернокорејските војници стекнуваат искуство во современото војување, кое Пјонгјанг би можел да го искористи во идни конфликти и кризи во азиско-пацифичкиот регион.
Зеленски истакна дека воената соработка меѓу Москва и Пјонгјанг се продлабочува, посочувајќи дека Русија користела и муниција испорачана од Северна Кореја во нападите врз Украина.
„Северна Кореја ќе стекнува сè повеќе искуство во модерното војување, ќе добива лиценци од Русија и ќе ги добива сите воени инструменти од неа“, нагласи украинскиот претседател.
Во исто време, Киев очекува продлабочување на воената соработка со Јужна Кореја, особено во областа на противвоздушната одбрана.
Зеленски рече дека Украина има потреба од системи за воздушна одбрана и дека е подготвена да соработува со Сеул и во областа на беспилотните летала.
Тој додаде дека украинските дипломати веќе разговараат со јужнокорејската страна за можностите за соработка.

















