УТРО.мк

Зеленски од Хелсинки: Рускиот режим мора да се смени, имотот да се конфискува

Зеленски од Хелсинки: Рускиот режим мора да се смени, имотот да се конфискува
Vero

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ се обрати на меѓународната заедница со повик за промена на режимот во Русија и конфискација на нејзиниот имот, во обраќање преку видеоврска на конференцијата по повод 50-годишнината од потпишувањето на Хелсиншкиот договор, што се одржува во главниот град на Финска.

Зеленски нагласи дека Русија мора да биде принудена да го заврши војната, бидејќи таа ја започнала, а доколку тоа не се случи, Москва ќе продолжи да ги дестабилизира соседните држави.

„Ако светот не сака промена на режимот во Русија, тоа значи дека дестабилизацијата ќе продолжи и по завршувањето на овој воен конфликт“, рече Зеленски.

Украинскиот претседател исто така повика на целосна конфискација на рускиот имот, велејќи дека е време тој да се искористи во корист на мирот, а не за нови војни.

Настанот во Хелсинки го отвори финската министерка за надворешни работи и актуелна претседавачка со ОБСЕ, Елина Валтонен, а присуствува и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Русија е присутна на конференцијата, но без висок претставник, откако минатата недела портпаролката на руското МНР најави дека Москва нема да испрати делегација на највисоко ниво.

Хелсиншкиот договор, потпишан на 1 август 1975 година од 35 држави, меѓу кои и Советскиот Сојуз и САД, ја афирмира неповредливоста на границите и суверенитетот на државите — принципи кои беа директно нарушени со руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран