
Поранешниот украински министер за одбрана Михајло Федоров по неговото разрешување од функцијата излезе со детали за несогласувањата во највисоките кругови на украинската власт и армијата.
Федоров потврди дека претседателот Володимир Зеленски му понудил да остане дел од неговиот тим како советник, но тој ја одбил понудата.
„Имав искрен разговор со претседателот. Ми беше понудена улога на советник или друг начин да продолжиме да работиме заедно. Одбив. Никогаш мојата цел не била да бидам министер, да останам министер или да се борам за функции“, изјави Федоров.
Според неговите зборови, одлуката за неговото разрешување веќе била донесена, а најголемите несогласувања ги имал со врховниот командант на украинската армија, генералот Олександр Сирски.
Федоров откри дека претходно му предложил на Зеленски да го разреши Сирски, но украинскиот претседател не се согласил со тоа. По одлуката на Зеленски да го задржи генералот на функцијата, Федоров рекол дека ќе се обиде да воспостави соработка, но тврди дека наишол на опструкции.
„Кога претседателот рече дека нема намера да го менува Сирски, се согласив и реков дека ќе научам да работам со него. Но, наидовме на целосна блокада на нашите иницијативи“, изјави Федоров.
Тој упати и критики кон генералот, оценувајќи дека украинската армија и војната се промениле, но дека пристапот на Сирски не се прилагодил на новите услови.
Разрешувањето на Федоров доаѓа во период на пошироки политички промени во Киев, по оставката на премиерката Јулија Свириденко.
Иако дел од изворите наведуваат дека Федоров и понатаму останува поврзан со претседателскиот тим, неговата иднина во украинската политика се очекува да стане појасна во следниот период. Во меѓувреме, во Киев и други украински градови се одржани собири во поддршка на разрешениот министер.

















