Најмалку 23 Палестинци загинаа во израелски воздушни напади во Појасот Газа, јави Ројтерс.
Повеќето жртви се наоѓале во близина на пункт за дистрибуција на хуманитарна помош, кој го води Хуманитарната фондација Газа, поддржана од САД. Медицински лица од болниците Ал-Авда и Ал-Акса во централната област на Газа известија дека најмалку 15 лица биле убиени додека се обидувале да стигнат до овој пункт за помош. Останатите жртви настрадале во одделни напади низ енклавата.
Министерството за здравство на Газа соопшти дека од почетокот на активностите на Хуманитарната фондација, најмалку 274 лица загинале, а над 2.000 се повредени во близина на пунктовите за дистрибуција на помош.
Израелската војска денеска им нареди на жителите на Кан Јунис и околните градови Абасан и Бани Сухајла во јужниот дел на Појасот Газа да ги напуштат домовите и да се упатат кон запад, кон таканаречената хуманитарна зона. Војската предупреди дека ќе преземе решителни мерки против „терористичките организации“ во регионот.
Војната во Газа започна пред 20 месеци, по нападот на милитантите на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, кога беа убиени 1.200 лица, најмногу цивили, а беа земени 251 заложник. Тој ден се смета за најсмртоносен во историјата на Израел.
Од израелската одмаздничка кампања досега загинале речиси 55.000 Палестинци, најголем дел цивили. Повеќето жители на Газа се раселени, а широка е и проблематиката со недостаток на храна.
И покрај посредничките напори на САД, Египет и Катар за воспоставување прекин на огнот, ниту Израел ниту Хамас не покажуваат подготвеност да направат отстапки, при што секоја страна ја обвинува другата за неуспехот во постигнувањето договор.