Од почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, повеќе од 75 истакнати личности од руските политички, воени и бизнис кругови загинале под сомнителни и неразјаснети околности, покажуваат податоци од западни агенции и руски активисти.
Станува збор за олигарси, државни функционери, армиски лица и менаџери блиски до власта. Кремљ нивната смрт најчесто ја објаснува како самоубиства, фатални падови од прозорци, труења, срцеви удари или семејни трагедии со насилен исход. Според аналитичарите, причините се комплексни, но длабоко вкоренети во логиката на моќта што владее со руската политичка власт.
Последен во низата сомнителни случаи е оној на поранешниот министер за сообраќај Роман Старовојт, чие тело било пронајдено во елитната московска населба Одинцово. Руски медиуми јавуваат дека извршил самоубиство со пиштол што наводно му го подарил лично претседателот Владимир Путин. Пред тоа, Старовојт бил и гувернер на Курската област, која беше мета на украински офанзиви во август 2024 година. Само неколку дена пред неговата смрт, бил разрешен од функцијата.
Слична судбина го снајде и Евгениј Пригожин, основачот на платеничката група Вагнер. Тој загина во пад на авион два месеца по неуспешниот бунт против Кремљ. Вагнеровите сили одиграа клучна улога во првата година од војната, но откако го изразија своето незадоволство од раководењето со конфликтот и се упатија кон Москва, нивната судбина беше запечатена.
Меѓу жртвите се и челници на компании кои покажале дури и блага критика кон војната. Претседателот на енергетскиот гигант „Лукоил“, Равил Маганов, загина по пад од прозорец во московска болница. Падови од прозорци го одзедоа и животот на олигархот Павел Антов, како и на Марина Јанкина, финансиска директорка на Западниот воен округ.
Серијата продолжува со случај на давења во бањи и базени, падови по скали, а најчесто наведуваната причина за смрт е – срцев удар. Меѓу загинатите се и високи функционери од „Гаспром“ и „Новатек“, како и армиски лица поврзани со мобилизацијата.
Руските медиуми ретко кога отвораат прашања за овие случаи. Кремљ формално изразува сочувство, но молчи пред западните медиумски прашања. Поранешни руски професори и аналитичари кои пребегале на Запад, ретко прифаќаат да коментираат под свое име, но признаваат дека се работи за внатрешни пресметки поврзани со борба за влијание, ресурси и елиминирање потенцијални закани за системот.
Таквите случувања создаваат дополнителна атмосфера на страв и несигурност во редовите на елитата, што уште повеќе го зацврстува авторитарниот карактер на режимот и ги обесхрабрува било какви обиди за отпор или критика.
Американскиот политиколог Џефри Винтерс, автор на книгата Олигарси, вели дека во Русија е речиси невозможно да се убие богат и влијателен човек без одобрение од државата.
– Станува збор за милијардери со лични обезбедувања, пристап до врвна медицинска грижа и највисоки стандарди на заштита. Не можам директно да тврдам, но логично е дека токму таа рака што ги направи моќни, може и да ги отстрани – вели Винтерс.
Сомнителните смртни случаи се користат и како алатка во украинската комуникациска стратегија. Советникот на украинскиот претседател, Михајло Подољак, изјави дека во Русија нелојалноста се казнува со смрт.
Поранешната советничка за Русија во Белата куќа, Фиона Хил, во интервју за Гардијан истакна дека не треба секој случај да се генерализира или да се сведува на теории на заговор, но и дека не треба да се очекува дека еден недемократски режим ќе функционира според демократски правила.
– Ова е само еден сегмент од војната што Русија ја води со Западот – нагласи таа. Според неа, труењата, атентатите, кибер-нападите и саботажите се дел од пошироката тактика на режимот.
„Синдромот на ненадејна смрт кај влијателни Руси“, како што го нарече Би-Би-Си, не е нов феномен. Уште пред почетокот на војната во Украина, се бележат најмалку 38 случаи на смрт меѓу деловни луѓе поврзани со Кремљ, под исто така мистериозни околности.
Најпознат меѓу нив е олигархот Борис Березовски, кој беше пронајден мртов во својот дом во близина на Лондон. Иако британските истражители не најдоа докази за насилна смрт, јавноста остана скептична.
Истата скепса владее и денес, каде малкумина веруваат дека толку многу моќни и богати луѓе, сосема случајно, завршуваат трагично – едни задушени, други отруени, а трети паднати од прозорец.