Во насока на зајакнување на контролата и заштитата на јавниот интерес, Општинскиот инспекторат при Општина Битола од вчера започна со теренски дежурства надвор од редовното работно време. Веќе при првото дежурство, инспекторите констатираа над 30 случаи на прекршувања, најмногу поврзани со градежништво, јавна чистота и комунални дејности.
Инспекцискиот тим интервенираше во ситуации со неправилно управување со градежен шут, комунален и друг отпад – појави кои сериозно ја загрозуваат животната средина и урбаното уредување на градот. За дел од прекршителите беа изречени усни опомени со рок за отстранување на неправилностите, а некои од нив веќе почнаа со постапување.
Дежурниот инспекциски тим постапуваше и по пријави од граѓани, што ја истакнува важноста на граѓанската вклученост во зачувувањето на јавниот ред. За случаите кои не се во надлежност на инспекторатот – како што се улични трки, бучава од сообраќајот или диви возења – граѓаните беа упатени да пријавуваат директно во СВР Битола.
Вонредните контроли ќе продолжат и во наредните денови. Општина Битола ги охрабрува граѓаните да пријавуваат прекршувања и по работно време на дежурниот број 075 388 797.
Со воведувањето на дежурствата, Битола покажува решителност во справувањето со урбаните и еколошки предизвици, во насока на создавање почиста, побезбедна и поуредена средина за сите.